Saturday, August 22, 2020

Економска криза

Да си замислиме дека целото општество се состои само од индустриски капиталисти и наемни работници. Понатака да не ги земаме предвид измените во цените, кои им попречуваат на големите делови од општествениот капитал да се надоместат во нивните средни пропорции, и кои, при општата поврзаност на целиот процес на препроизводството, како што нарочно ја развива кредитот, секојпат мораат да предизвикаат привремени општи застои. Исто така да не ги земаме предвид фиктивните претпријатија и шпекулативните продажби, кои кредитниот систем ги потспотнува. Тогаш кризата би била објаснива само од несразмерност на производството во различните гранки и од несразмерност, во која потрошувачката на самите капиталисти би стоела спрема нивната акумулација. Но, како што стојат работите, надоместувањето на капиталите пласирани во производството зависи во голем дел од потрошувачката способност на непроизводните класи; додека потрошувачката способност на работниците е ограничена делум од законот на наемнината, делум од тоа, дека тие можат да бидат употребувани само додека можат да се употребуваат со профит за капиталистичката класа. Последната причина на сите вистински кризи секојпат си останува во сиромаштвото и ограничената потрошувачка на масите спротивно на стремежот од капиталистичкото производство, производните сили така да ги развие, како неговата граница да ја сочинува само апсолутната потрошувачка способност на општеството.

За вистински недостиг на производен капитал, барем во капиталистички развиените нации, може да се говори само при општи лоши жетви, било на главните средства за исхрана, било на главните индустриски суровини.

Само што сега кон овој комерцијален кредит се надодава вистинскиот паричен капитал. Кредитите што си ги даваат еден на друг индустријалците и трговците се преплеткуваат со кредитите на пари кои ним им ги даваат банкарите и заемодавачите на пари. При есконтирањето меници кредитите се само номинални. Некој фабрикант го продава својот производ за меница и ја есконтира оваа меница при некој bill-broker. Всушност последниот само му го дава во заем кредитот од својот банкар, кој пак нему му го дава во заем паричниот капитал од своите депозитори, а нив го сочинуваат самите индустријалци и трговци, но и работници (со посредство на штедилници), земјишни рентиери и други непроизводни класи. Така за секој индивидуален фабрикант или трговец се избегнува како нужноста да држи голем резервен капитал, така и зависноста од вистинските враќања. Но, од друга страна целиот процес толку многу се комплицира, делум просто со издавање фиктивни меници, делум со манипулација на стоки со цел само да се изфабрикуваат меници, што привидот на многу солидно претпријатие и течно враќање може мирно се‘ уште да продолжи да постои, кога всушност враќањата веќе од долго време се вршеле само уште за сметка делумно на излажани заемодавачи на пари, делумно на излажани производители. Поради тоа, токму пред непосредниот крах претпријатието секојпат се чини речиси претерано здраво. Најдобар доказ за тоа дава, на пример, „Reports on Bank Acts“ од 1857 и 1858, каде што сите директори на банки, трговци, накусо сите повикани стручни познавачи, на чело со лорд Оверстон, заемно си честитаа за среќата за расцветеноста и здравоста на работата – токму пред еден месец од кризата која избувна во август 1857. И Тук во својата „History of Prices“ на чуден начин уште еднаш западнува во оваа илузија како историчар на секоја криза. Претпријатијата се како јатка здрави и кампањата продолжува да оди сјајно, додека наеднаш избувне крах.

Карл Маркс, Капиталот, том III, Скопје: Мисла, 1976, 449-450.

No comments:

Post a Comment

Историски материјализам

  „Марксовата историска теорија е, по мое мислење, основен услов на секоја поврзана и доследна револуционерна тактика. Да би се таква тактик...