Saturday, June 6, 2020

Лажен социјализам

„Во онаа (иста) мера во која стоковното производство, сообразно со своите внатрешни закони, се развива кон капиталистичко производство, во таа иста мера законите за сопственоста, својствени на стоковното производство, се преобратуваат во закони на капиталистичкото присвојување. Како да не ‘и се чудиме според тоа на итроумноста на Прудон, кој сака да ја укине капиталистичката сопственост со тоа што притоа ‘и ги противставува вечните закони на сопственоста на стоковното производство.“ 
(Капиталот, Том 1. Скопје: Мисла, 1975, стр. 516)
 
„Капиталот е нужно во исто време и капиталист, а идејата на некои социјалисти дека ни треба капитал, но не и капиталистите е сосема погрешна...“
(Маркс, Grundrisse, p.437) 

„Капиталистичкото стопанисување ... во својата сушност е приватно стопанство, дури и ако наместо одделниот капиталист истапува здружениот капиталист.“

(Маркс, Капиталот, том II, стр. 217, мак.изд.)

„...Во последно време, откога Бизмарк се фрли на подржавување, се појави еден вид на лажен социјализам – понекогаш дури се изродуваше во доброволно лакејство – кој секое подржавување, па дури и Бизмарковото, без неудобности го прогласува за социјалистичко. Кога државниот монопол на тутун би бил социјалистичка мерка, тогаш и Наполеон и Метерних би требало да ги вброиме во основачи на социјализам. Кога белгиската држава од сосема обични политички и финансиски причини сама ги градеше своите главни железнички пруги, кога Бизмарк без никакви економски потреби ги национализира главните железнички линии во Прусија, просто за да подобро ги припреми и искористи во воени цели, за да железничарите ги одгаи како владина гласачка машина, а пред сè за да себе си создаде нов извор на приходи, независно од одлуката на парламентот – тогаш тоа никако не беа социјалистички мерки, ни директно, ни индиректно, ни свесно, ни несвесно. Инаку и кралското претпријатие за поморска трговија, кралската фабрика за порцелан, па и четничките кројачи во војската би биле социјалистички установи, или дури, во 1830-тите години сосема сериозно од еден паметнаковиќ под Фридрих Вилијам III предлагаше подржавување – на борделите.“
(К. Маркс – Ф. Енгелс, Изабрана дела, том II, 1950, Култура, стр. 143-44.)

„Државата не е ништо друго, освен организација што си ја создава буржоаското општество за да ги зачува општите надворешни услови на капиталистичкиот начин на производство против самовласното мешање како на работниците така и на одделните капиталисти. Современата држава, каква и да е нејзината форма, е всушност капиталистичка машина, држава на капиталистите, идеален сеопшт капиталист. Колку повеќе производни сили презема во своја сопственост, толку повеќе станува вистински сеопшт капиталист, толку повеќе државјани експлоатира. Работниците остануваат наемни работници, пролетери. Капиталистичкиот однос не ce ликвидира, напротив, тој го достигнува својот врв.“

(Енгелс, Развитокот на социјализмот од утопија до наука)

„Правото на работниците на полн приход од трудот, то ест на секој поединечен работник на неговиот посебен приход од трудот, тоа право, во овој одреден облик, е само Прудоново учење. Потполно различен од него е барањето средствата за производство и производите да им припаднат на сите оние кои работат. Ова барање е комунистичко и тоа, како што Менгер открива на стр. 48, го надминува барањето под бр. 1, што Менгер го доведува во не мала неприлика. Затоа тој комунистите час мора да ги рангира под бр. 2, час основното право бр. 1 толку да го развлекува и врти додека не добие можност да ги нафрли комунистите таму. Ова се случува на стр. 7. Овде се претпоставува дека после укинувањето на стоковното производство тоа сепак и понатаму ќе постои. На господин Менгер му се чини сосема природно и во едно социјалистичко општество да се произведуваат разменски вредности, значи, стока за продавање, и дека и понатаму постои цена на трудот, дека, значи, и тогаш како и претходно работната сила се продава како стока. Единственото прашање за кое овде, според него, се работи е дали цената на трудот, која е историски наследена, со некое повишување се одржува и во социјалистичкото општество, или пак треба да дојде до „едно потполно ново одредување цена на трудот“. Последното, според негово мислење, уште повеќе би го потресело општеството отколку воведувањето социјалистички општествен поредок! Оваа збрка на поими е разбирлива, бидејќи нашиот научник на стр. 94 зборува за некоја социјалистичка теорија на вредноста, тој значи, по познат пример, вообразува дека Марксовата теорија на вредноста треба да даде мерило за расподелбата во идното општество. На стр. 56 дури се кажува дека полниот приход од трудот воопшто не е нешто одредено, бидејќи тој може да се пресмета според најмалку три различни мерила, и, конечно, на стр. 161, 162 сознаваме дека е тој „природен принцип на расподелба“ и дека би бил можен само во општество со заедничка сопственост, меѓутоа со индивидуално користење, значи во општество, кое денес, како конечна цел, не поставува ниеден единствен социјалист! Извонредно основно право! И извонреден филозоф на правото на работничката класа!“

(Маркс - Енгелс, Дела, том 32, „Просвета“, Белград 1978, стр. 400-417)

„Надницата е идентична со приватната сопственост, бидејќи системот на надницата, каде што производот, предметот на трудот го плаќа самиот труд, е само неминовна последица од отуѓувањето на трудот: во надницата и самиот труд истапува не како самоцел, туку како слуга на заработката. … Насилното повишување на надницата (без и да се зборува за сите други тешкотии, и за тоа дека таквото повишување како аномалија би можело да се запази исто така само насилно) не би било, како што произлегува тоа од погоре изнесеното, ништо повеќе освен подобро плаќање на робот и не би го извојувало за работникот, ни за трудот нивното човечко определување и достоинство. Дури и еднаквоста на надницата, што ја бара Прудон, би го имала само тој резултат, што би го претворила односот на денешниот работник спрема неговиот труд во однос на сите луѓе спрема трудот. Во тој случај општеството се замислува како апстрактен капиталист. Надницата е непосредна последица на отуѓениот труд, а отуѓениот труд е непосредна причина на приватната сопственост. Затоа со паѓањето на едната страна паѓа бездруго и другата.“ 
(Маркс, Економско-филозофски ракописи, 1844)

No comments:

Post a Comment

Историски материјализам

  „Марксовата историска теорија е, по мое мислење, основен услов на секоја поврзана и доследна револуционерна тактика. Да би се таква тактик...