Friday, June 12, 2020

Наемно ропство

„Капиталот со нему соодветниот општествен процес на производство испумпува определено количество вишок на труд од непосредните производители или работници, вишок на труд што капиталот го добива без еквивалент и кој според својата сушност е присилен труд, па макар и колку да се покажува како резултат на слободно, договорно согласување.“
(Маркс, Капиталот, том 3, стр.743, мак.изд.)

„Фабрикантот е апсолутен законодавец. Тој издава фабрички правила како што му е волја; тој ги изменува и дополнува неговите закони како што си сака, а и ако придаде најлуди работи, тогаш сепак судиите му велат на работникот: Бидејќи доброволно си се подал под овој договор, ти мораш сега него и да го исполнуваш.“ 
(Енгелс, Положбата на англиската работничка класа)

„Ако се качи наемнината, тогаш капиталистите ги качуваат цените на нивните стоки.“
(Маркс, Капиталот, том втори, стр. 299, мак.изд.)

Наемното ропство, еднаквите плати на Прудон и повишените надници

„Политичката економија [капитализмот] гледа на пролетерот како на коњ, кој мора да добива доволно за да биде способен да работи. Таа не го смета, за времето кога тој не работи, за човечко битие. Таа го остава ова на кривичниот закон, докторите, религијата, статистиката, политиката... Кое е значењето, во развојот на човештвото, на ова сведување на поголемиот дел од човештвото на апстрактен труд? Кои грешки се направени од бавните реформатори, кои или сакаат да ги повишат надниците и оттука да ја подобрат ситуацијата на работничката класа, или – како Прудон – да гледаат на еднаквите надници како цел на општествената револуција?“
(Paris Manuscripts, 1844, First Manuscript – Wages of Labour, p. 6)

Работникот како стока во капитализмот

„Постоењето на работникот оттука е доведено под истиот услов како и постоењето на секоја друга стока. Работникот стана стока, а тој би имал малку среќа ако може да најде купувач. А, побарувачката од која зависи животот на работникот, зависи од каприцот на богатите и капиталистите.“
(Paris Manuscripts, 1844, First Manuscript – Wages of Labour, p. 20)

Отуѓување на трудот во услови на капиталистичко производство

„Фактот дека трудот е надворешен за работникот, т.е. не му припаѓа на неговата внатрешна природа; дека во неговата работа затоа тој не се афирмира, туку се негира себеси, не се чувствува задоволен, туку несреќен, не ја развива слободно својата физичка и ментална енергија, туку ги омаловажува своето тело и ум. Затоа работникот се чувствува само надвор од својата работа и во својата работа се чувствува надвор од самиот себе.“
(Paris Manuscripts, 1844, Estranged Labour, p. 30)

Колку поголема акумулација на капитал толку поголем пролетаријат

„Работникот станува сè посиромашен колку што повеќе богатство тој произведува, колку што повеќе неговото производство се зголемува во обем и сила. Работникот станува сè поевтина стока колку што повеќе стоки тој создава. Со растечката вредност на светот на предметите продолжува во непосреден сразмер обезвреднувањето на светот на луѓето. Трудот произведува не само стоки; тој се произведува себе а работникот како стока – и го прави тоа во однос во којшто тој генерално произведува стоки.“
(Economic and Philosophical Manuscripts of 1844, Estranged Labour)

„Производот на трудот е труд, кој се соединува во некој предмет, кој станал материјален: тоа е објективизација на трудот. Реализацијата на трудот е негова објективизација.“
(Economic and Philosophical Manuscripts of 1844, Estranged Labour)

Пролетерите можат да се укинат само ако го укинат трудот како таков

„Така, додека бегалските слуги само посакаа да бидат слободни да ги развиваат и потврдат оние услови на егзистенција кои веќе беа таму, и оттука, на крајот, станале само бесплатна работна сила, пролетери, но доколку сакаат да се потврдат како индивидуи, ќе треба да ја укинат самата состојба на нивното постоење досега (што, згора на тоа, беше онаа на целото општество до денес), имено, трудот. Така, тие се наоѓаат директно спротивставени на формата во која, до сега, поединците, од кои се состои општеството, си дадоа себеси колективно изразување, односно, државата. Поради тоа, за да се потврдат како индивидуи, тие мора да ја соборат државата.“
(The German Ideology, Communism. The Production of the Form of Intercourse Itself)

Приоритизирање на профитите над животите на работниците

„Кога еден човек му нанесува на друг телесна повреда што резултира со смрт на повредениот, тогаш ние го нарекуваме тоа убиство; а ако убиецот однапред знаел дека повредата ќе биде смртносна, тогаш ние го нарекуваме тоа убиство со умисла. Но, кога општеството[1] става стотици работници во една таква положба што тие неизбежно мора да умрат од прерана и неприродна смрт, исто така насилна како и смрт од меч или куршум; кога тоа општество лишава илјадници луѓе од најнужните животни услови, кога ги става во услови во кои тие не можат да живеат; кога со силата на законот ги присилува во тие услови да останат до смрт, која мора да настапи како последица на тие услови; и кога тоа општество знае, многу добро знае, дека тие илјадници работници мора да паднат како жртви на тие услови, па сепак не ги менува тие услови – тогаш тоа е исто така убиство со умисла како и она убиство кое е извршено од поединец, само што ова убиство е скриено, подмолно, убиство од кое никој не може да се одбрани, кое не личи на било какво убиство, бидејќи никој не може да го види убиецот, бидејќи убиецот е сите и никој, бидејќи смртта на жртвата изгледа како природна смрт, бидејќи делото е направено повеќе од пропуст отколку со наредба. Но, сепак, тоа е убиство.“
(МЕД, Том 4, стр. 183)

„Во капиталистичкиот систем сите методи за повишување на општествената производна сила на трудот се вршат на сметка на индивидуалниот работник; сите средства за унапредување на производството се претворуваат во средства за господарење и експлоатација над производителите, го осакатуваат работникот, го прават делумен човек, го снижуваат него во придодаток на машината, со зголемување на маките од трудот му ја уништуваат неговата содржина, ги отуѓуваат од работникот духовните сили на процесот на трудот во онаа мера во која науката му се присоединува на процесот на трудот како самостојна сила; тие ги нагрдуваат условите под кои работи работникот, го подложуваат него за време на процесот на трудот на најситни и одвратни деспотии, го претвораат неговото време за живот во работно време, ја фрлаат жена му и детето под Џагернатовото колце на капиталот. Но, сите методи за производство на вишок на вредноста се едновремено и методи за акумулација, а секое раширување на акумулацијата станува, обратно, средство за развивање на овие методи. Оттука излегува дека во онаа мера во која се акумулира капиталот, мора да се влошува и положбата на работникот, па каква сакала била неговата плата, висока или ниска. Најпосле, законот, што ја држи постојано во рамнотежа релативната пренаселеност или индустриската резервна армија со обемот и енергијата на акумулацијата, го приковува работникот за капиталот поцврсто отколку клинците на Хефест што го приковаа Прометеј за карпата. Овој закон со акумулацијата на капиталот создава соодветна акумулација на беда. Акумулацијата на богатствата на едниот пол е, значи, едновремено акумулација на беда, маки на трудот, ропство, незнаење, подивеност и морално деградирање на спротивниот пол, т.е. на страна на класата што го произведува својот сопствен производ како капитал.“
(Маркс, Капиталот)

Праведна надница е, под нормални услови, сумата потребна работникот да си осигура средства за опстанок, кои му се потребни, во склад со животниот стандард на луѓето од неговата положба и неговата земја, да ја одржи својата работна способност и продолжувањето на својот вид. Вистинската висина на надницата може, веќе според колебањата на деловниот процес, да биде понекогаш под ова ниво; под нормални услови пак, оваа висина би требало да претставува просек на сите колебања на надницата.
(Фридрих Енгелс, 1.Мај 1881)

Праведен работен ден е она траење на работниот ден и оној интензитет на трудот при кој работникот може да ја троши сета работна сила еден ден, не загрозувајќи ја својата способност идниот ден и наредните денови да даде иста количина труд.
(Фридрих Енгелс, 1.Мај 1881)

„Сè додека општеството е поделено на две спротивставени класи, на една страна капиталисти, кои држат монопол над сите средства за производство – земја, суровини, машини; на друга страна работници, работно население, на кое му е одземена секоја сопственост над средствата за производство и кое не поседува ништо друго освен сопствената работна сила – сè додека постои таа општествена организација, ќе остане семоќен тој закон на наемнината и секој ден ќе кова нови синџири, кои го претворуваат работникот во роб на неговиот сопствен производ, над којшто капиталистот држи монопол. Синдикатите во оваа земја скоро шеесет години се борат против овој закон – со каков резултат? Дали им појде од рака да ја ослободат работничката класа од ропството во кое ја држи капиталот – производот на нејзините сопствени раце? Дали тие му овозможија на барем еден дел од работниците да се издигнат над положбата на наемни робови, да станат сопственици на своите сопствени средства за производство, на суровините, алатките и машините потребни во нивните дејности, а со тоа да станат сопственици на производите на нивниот сопствен труд? Општо е познато дека тие не само што не го направија тоа, туку дури никогаш не се обиделе.“
Ф. Енгелс, Наемен систем

„Напротив, таа во целост го потврдува. Без средствата за отпор на синдикатите работникот не го добива дури ни она што што му припаѓа по правилата на наемниот систем. Само стравот од синдикатите може да ги присили капиталистите да му ја исплатат на работникот целата пазарна вредност на неговата работна сила. Сакате ли докази? Погледнете ги надниците кои се исплаќаат на членовите на големите синдикати и споредете ги со надниците во безбројните гранки во тоа мноштво од стагнирачка беда, лондонски Ист Енд. Според тоа, синдикатите не го повредуваат системот на надници. Меѓутоа, не е високото или ниското ниво на наемнините она што ја прави економската деградација на работничката класа: оваа деградација се состои во фактот дека работничката класа наместо за својот труд да го добива целиот производ од својот труд, мора да се задоволи со дел од својот сопствен производ кој се нарекува наемнина. Капиталистот го присвојува сиот производ (и од тој производ ги плаќа работниците), затоа што е сопственик на средствата за работа. И затоа нема вистинско ослободување на работничката класа сè додека таа не стане сопственик на сите средства за работа – земја, суровини, машини итн. – и со тоа сопственик на сиот производ од својот сопствен труд.“


[1] Кога овде, како и на други места, зборувам за општеството како одговорна целина која има свои права и должности, тогаш се подразбира дека мислам на општествената моќ, на онаа класа, значи, која денес поседува политичка и социјална власт, а со тоа сноси и одговорност за положбата на оние на кои не им дава никакво учество во власта. Таа владејачка класа во Англија, како и во сите други цивилизирани земји, е буржоазијата...

No comments:

Post a Comment

Историски материјализам

  „Марксовата историска теорија е, по мое мислење, основен услов на секоја поврзана и доследна револуционерна тактика. Да би се таква тактик...