Saturday, July 11, 2020

Пари


„Видната глупост која сите разновидни заемни односи на луѓето ги сведува на еден однос на употребливост, оваа очигледно метафизичка апстракција произлегува од фактот што во модерното граѓанско општество сите односи практично се подведуваат под еден апстрактен паричен и трговски однос.“ 
(„Немачка идеологија“, II, стр. 133, Белград, 1964)

„Како таква сила што изопачува, парите истапуваат потоа и наспроти индивидот и наспроти општествените и слични врски што претендираат на улогата и значењето на самостојни сушности. Тие ја претвораат верноста во неверност, љубовта во омраза, омразата во љубов, добродетелта во порок, порокот во добродетел, робот во господар, господарот во роб, глупоста во разумност, разумноста во глупост.“
(Economic and Philosophic Manuscripts of 1844, The Power of Money in Bourgeois Society)

„Кој може да купи храброст, тој е храбар, иако е страшливец. Бидејќи парите се разменуваат не само за некакво определено својство, за определено нешто или определени суштински сили на човекот, туку за сиот човечки и природен предметен свет, тогаш од гледна точка на нивниот сопственик тие го разменуваат секое својство и секој предмет за секое друго својство или предмет дури и такви што му противречат на разменувањето. Парите го остваруваат збратимувањето на невозможностите.“
(Economic and Philosophic Manuscripts of 1844)

Бидејќи парите се општ еквивалент, општа куповна моќ се‘ може да се купи, се‘ може да се претвори во пари. Но тоа може да се претвори во пари само така што се алиенира така што поседникот да го отуѓи. Затоа се‘ е отуѓиво или безразлично за индивидуата, нејзе надворешно. Таканаречените неотуѓиви, вечни поседи и соодветните неподвижни, цврсти односи на сопственоста се уриваат пред парите.

Понатаму, бидејќи самите пари постојат само во циркулацијата, а се разменуваат за уживање итн. - за вредности кои сите можат да се сведат најпосле на чисто индивидуални уживања - се‘ има вредност само дотолку доколку бидува за индивидуата. Со тоа се укинува самостојната вредност на стварите, освен онаа што постои во нивното голо битие за друго, во нивната релативност, разменливост, се укинува апсолутната вредност на сите ствари и односи.

Се‘ му се жртвува на егоистичкото уживање. Зашто, како што се‘ може да се алиенира за пари, се‘ исто така може да се добие за пари. Се‘ може да се има за ,,готови пари‘‘ кои самите како нешто што егзистира надворешно, од индивидуата треба да се грабнат со измама, со сила итн.

Се‘ е, значи, присвоиво од сите, а од случајот зависи што индивидуата може или не може да присвои, зашто тоа зависи од парите во неговиот посед. Со тоа индивидуата е поставена по себе како господар на се‘.

Нема никакви апсолутни вредности, зашто на парите вредноста како таква им е релативна. Нема ништо неотуѓиво, зашто е се‘ отуѓиво за пари. Нема ништо повисоко, свето итн., зашто се‘ може да се присвои за пари.

,,Res sacrae‘‘* и ,,religiosae‘‘**, што не можат да бидат ,,in nullius bonis, nec aestimationem recipere, nec obligari alienarique posse‘‘*** што се земени од ,,commercio hominum‘‘**** не егзистираат пред парите - како што се пред Бога сите еднакви. Интересно е тоа што римската црква во средниот век самата била главен пропагатор на парите.

     * ,,свети предмети‘‘

     ** ,,религиозни‘‘

     *** ,,во ничиј посед, ниту да се проценат, ниту да се заложат, ниту да се отуѓат‘‘

     **** ,,човечката трговија‘‘

Забелешка: текстов е превземен од Марксовата ,,Основи на критиката на политичката економија‘‘.

No comments:

Post a Comment

Историски материјализам

  „Марксовата историска теорија е, по мое мислење, основен услов на секоја поврзана и доследна револуционерна тактика. Да би се таква тактик...