Wednesday, September 2, 2020

Индустриска револуција

„Историјата на работничката класа во Англија почнува во втората половина на минатиот век со пронаоѓањето на парната машина и машината за преработка на памук. Тие пронајдоци, како што е познато, ‘и дадоа поттик на индустриската револуција, која во исто време го преобрази целото граѓанско општество, а чие светско-историско значење дури сега почнува да се увидува. Англија е класичната почва на овој пресврт, којшто беше дотолку посилен доколку се спроведуваше со помала врева, и затоа Англија е класична земја за развитокот на нејзиниот најглавен резултат, пролетаријатот.“ 

(Фридрих Енгелс, „Положај радничке класе у Енглеској“, Култура, Београд, 1951, стр. 14)

„Луѓето пред индустриската револуција во своето тихо вегетирање се чувствуваа пријатно, па и да ја немаше индустриската револуција, тие никогаш не би го напуштиле тој романтично-добродушен, но за еден човек, сепак, недостоен живот. Тие и не беа луѓе, туку само работни машини во служба на мал број аристократи, коишто дотогаш управуваа со текот на историјата, индустриската револуција само ги изведе сите консеквенци од тој факт, наполно претворајќи ги работниците во вистински машини и одземајќи им го и последниот остаток на самостојниот труд, но токму со тоа ги принуди да мислат и да бараат положба којашто е достојна за човекот. Како што во Франција политиката, така во Англија индустријата и движењето на буржоаското општество беа оние, коишто во вителот на историјата ги вовлекоа и последните класи што беа потонати во апатија спрема општите човечки интереси.“ 

(Фридрих Енгелс, „Положај радничке класе у Енглеској“, Култура, Београд, 1951, стр. 17)

„Меѓутоа, развитокот на индустријата не остана на машинска замена на живиот труд. Некои капиталисти почнаа да инсталираат „џени“-машини во големи згради и да ги движат со водена сила, и затоа можеа да го намалат бројот на работниците и својата преѓа да ја продаваат поевтино од оној што беше индивидуален производител и кој што машината ја движеше само со рака. „Џени“ се‘ повеќе и повеќе се усовршуваше, така што секој момент една машина стануваше застарена, па мораше да се менува или сосема да се исфрла; а ако капиталистот, затоа што ја искористуваше водената сила, уште и можеше да се држи служејќи се со постари машини, на индивидуалниот производител тоа за подолго време му беше неможно. Тоа беше почетокот на фабричкиот систем. А сите тие машини станаа двојно позначајни со парната машина, која што околу 1764 ја пронајде Џемс Ват, а која од 1785 се применува за погон на машините – предилки.

Со тие пронајдоци, коишто секоја година се‘ повеќе се усовршуваа, беше одлучена победата на машинската работа над рачната работа во главните гранки на англиската индустрија. Последица од тоа беше на една страна нагло опаѓање на цените на сите манифактурни стоки, цутење на трговијата и индустријата, освојување на речиси сите царински незаштитени странски пазари, нагло зголемување на капиталот и националното богатство; на друга страна – уште побрзо умножување на пролетаријатот, уништување на секој нивни имот, лишување на работничката класа од секоја сигурна заработка, деморализација, политичка возбуденост и сите оние на имотните Англичани толку одвратни факти.“ 

(Фридрих Енгелс, „Положај радничке класе у Енглеској“, Култура, Београд, 1951, стр. 19-20)

„Како што новата индустрија стануваше значајна дури откако алатите ги претвори во машини, а занаетчиските работилници во фабрики, а со тоа и работната средна класа во работен пролетаријат, дотогашните крупните трговци во фабриканти; како што, значи, средната класа веќе тука е истисната, а населението редуцирано на спротивност меѓу работниците и капиталистите, така истото се случуваше и надвор од областа на индустријата во потесна смисла, во занаетите па и во трговијата. На местото на некогашните мајстори и калфи се појавија крупни капиталисти и работници лишени од секоја надеж од својата класа да се издигнат во капиталистичката; во занаетите завладеа фабрички систем, поделбата на трудот строго е спроведена и ситните мајстори, коишто не можеа да им конкурираат на големите претпријатија, потонаа во класата на пролетаријатот. Во исто време, поради уништувањето на дотогашните занаетчиски дуќани и на ситната буржоазија, на работникот му беше одземена секоја можност да стане буржуј. До тогаш тој секогаш имаше изгледи дека како самостоен мајстор ќе може некако постојано да се настани, да почне можеби да најде и помошник; но, сега, кога и самите мајстори се потиснати од фабрикантите, кога за самостојното производство е потребен капитал, стана пролетаријатот постојана класа на населението, додека порано беше само една етапа во преминот кон буржоазијата. Кој е роден како работник немаше никакви изгледи освен целиот живот да остане пролетер. Дури сега, значи, пролетаријатот беше во состојба да создаде свое самостојно движење.“ 

(Фридрих Енгелс, „Положај радничке класе у Енглеској“, Култура, Београд, 1951, стр. 30-31)

„Карактеристичниот тек на животот на модерната индустрија, ја претпоставува формата на десетгодишен циклус со мали колебања на период на средно оживнување, на производство под висок напон, на криза и стагнација што почива врз постојаното образување, врз поголемо или помало апсорбирање и врз повторно образување на индустриската резервна армија, или на пренаселеноста. Сменувањето на индустрискиот циклус, од своја страна, ја наголемува пренаселеноста и станува еден од факторите за нејзино најенергично препроизводство.“

(Карл Маркс, „Капиталот“, том 1, Мисла, Скопје, стр. 558)

„Може да се разбере глупоста на економската мудрост што им проповеда на работниците да го натокмат својот број според потребите на оплодувањето на капиталот. Како механизмот на капиталистичкото производство и акумулацијата да не го дотерува постојано овој број според своите потреби за оплодување. Првиот збор на ова натокмување е создавањето една релативна пренаселеност или индустриска резервна армија, а последниот збор – беда за сè поголеми слоеви од активната работничка армија и мртвиот баласт на пауперизмот.“
(Карл Маркс, „Капиталот“, том 1, Мисла, Скопје, стр. 568-69)

No comments:

Post a Comment

Историски материјализам

  „Марксовата историска теорија е, по мое мислење, основен услов на секоја поврзана и доследна револуционерна тактика. Да би се таква тактик...