Friday, June 12, 2020

Материјализам


Маркс за францускиот материјализам

Волтер забележал дека до рамнодушноста на Французите во 18. век според расправиите меѓу езуитите и јансенистите дошло помалку следствие на филозофијата отколку следствие на Лавовите финансиски спекулации. Така падот на метафизиката во 17 век може да се објасни со материјалистичката теорија на 18 век само дотолку доколку самото ова теоретско движење се објаснува со практичното устројство на тогашниот француски живот. Тој живот бил насочен кон непосредната сегашност, кон световното уживање и световните интереси, кон земскиот свет. На неговата антитеологиска, антиметафизичка, на неговата материјалистичка практика морале да одговараат антитеологиските, антиметафизичките, материјалистичките теории. Метафизиката практично изгубила секаков кредит.“
(F. Engels – K. Marx, Die Heilige Familie
Dietz Verlag, Berlin 1962, Werke, св. 2, стр. 133-134)

„Целиот општествен живот е суштествено практичен. Сите мистерии коишто теоријата ја наведуваат на мистицизам наоѓаат свое рационално решение во човечката практика и во сфаќањето на оваа практика.“ 
(Маркс-Енгелс, Дела, том 4, Београд, 1974)

„Технологијата го открива активниот став на човекот спрема природата, непосредниот процес на производството на неговиот живот, а со тоа и на општествените услови во кои живее и духовните претстави што извираат од нив. Дури и секоја историја на религијата е некритична ако не ја зема предвид оваа материјална основа. Навистина, многу полесно е преку анализа да се најде јадрото на земјата на замаглените верски воображенија отколку обратно, од дадените вистински животни услови на определеното време да се изведат нивните обоготворени облици. А овој последниов метод е единствено материјалистички па заради тоа и единствено научен метод. Недостатоците на апстрактниот природно-научен материјализам, којшто го исклучува историскиот процес, се забележуваат уште во апстрактните идеолошки претстави на неговите претставници, штом ќе се решат да излезат надвор од својата струка.“ 

(Карл Маркс, Капитал, том 1, стр. 389)

„Прашањето дали предметната вистина му припаѓа на човечкото мислење не е прашање на теоријата, туку е практично прашање. Во практиката човекот мора да ја докажува вистинитоста, т.е. стварноста, моќта, овостраноста на своето мислење. Спорот за стварноста или нестварноста на мислењето – што е изолирано од практиката – е чисто схоластичко прашање.“ 
(Маркс – Енгелс, Дела, том 4, Београд, 1974)

„Економијата тука не создава ништо непосредно од себе, но таа го одредува начинот на измената и натамошниот развиток на затечениот мисловен материјал, и тоа во поголем дел посредно, зашто политичките, правните, моралните одрази се тие кои вршат најголемо непосредно дејство на филозофијата.“

(Енгелс, Писмо до К. Смит од 27 октомври 1890, Избрана дела, том II, стр. 483, Белград, 1950, кирилица)

„Сетилата непосредно во својата практика станаа теоретичари. Тие спрема предметот се однесуваат поради самиот предмет, но самиот предмет е предметно човечко однесување спрема себе, спрема човекот и обратно. Затоа потребата и уживањето ја загубија својата егоистичка природа, а природата својата чиста корисност, со тоа што користа стана човечка корист.“

(Маркс – Енгелс, Рани трудови, Загреб, 1953, стр. 232)

„Како предметите стануваат негови предмети, тоа зависи од природата на предметот и од природата на соодветната суштинска сила; зашто токму определеноста на тој однос претставува посебен, вистински начин на потврдување. Еден предмет му станува на окото поинаков отколку на увото и предметот на окото е поинаков од предметот на увото.“

(Маркс – Енгелс, Рани трудови, стр. 232, Загреб, 1953)

„Религијата, семејството, државата, правото, моралот, науката, уметноста итн., се само посебни начини на производство и потпаѓаат под неговиот општ закон.“

(Маркс – Енгелс, Рани радови, Загреб, 1953, стр.)

„Јадењето, пиењето и раѓањето се исто така вистински човечки функции. Меѓутоа, во апстракцијата што ги дели од останатиот круг на човечката дејност и која ги прави последни и единствени цели, тие се животински.“

(Маркс – Енгелс, Рани радови, Загреб, 1953, стр. 201)

„Со тоа што за човекот социјалист целокупната светска историја не е ништо друго освен производство на човекот со помош на човечкиот труд, ништо друго освен создавање природа за човекот, тој има несоборлив доказ за своето раѓање со помош на самиот себе, за својот процес на настанувањето.“

(Маркс – Енгелс, Рани радови, Загреб, 1953, стр. 237) 

„Материјалистите едноставно ја толкуваат состојбата на нештата и не се впуштаат во таква религиска фразеологија. Тие тоа го прават само тогаш кога некои натрапничави верници сакаат да им го наметнат господа. А тогаш одговараат кусо... во Лапласовиот стил: „Величество, јас немав потреба од таа хипотеза.“ (Лапласовиот одговор на Наполеоновото прашање зошто големиот астроном во својата „Небеска механика“ ни еднаш не го споменува творецот.)

(Ф. Енгелс, „Дијалектика природе“, Дела Маркса и Енгелса, том 31, Белград, 1974, стр. 386-387)

„Затоа човекот вистински се потврдува како генеричко суштество токму во обработката на предметниот свет. Тоа производство е негов активен, генерички живот. Низ него природата се појавува како негово дело и негова стварност. Предметот на трудот затоа е опредметување на човековиот генерички живот, со тоа што тој не се удвојува само интелектуално, во свеста, туку активно, вистински, и затоа се посматра себе во светот што сам го создал.“ 

(К. Маркс, Рани радови, стр. 203, Загреб, 1953)

„Ова зацврстување на социјалната дејност, оваа консолидација на нашиот сопствен продукт во вистинска сила над нас, која прераснува во наша контрола ... е еден од основните моменти на досегашниот развиток...“ 

(Маркс-Енгелс, Дела, том 6, стр. 33, Белград, 1974)

„Во актот на поставувањето тој не паѓа од неговата „чиста дејност“ во создавање на предмети, туку неговиот предметен производ ја потврдува неговата предметна дејност, неговата дејност на предметно природно суштество.“ 

(К. Маркс – Ф. Енгелс, „Рани радови“, стр. 268-269)

„Сосем е природно што живото, природно суштество, надарено и снабдено со предметни, т.е. материјални суштински сили, има исто така стварни природни предмети на своето суштество... Но, исто така е јасно дека самосвеста, т.е. нејзиното отуѓување, може да стане само предметност, т.е. само апстрактен предмет, предмет на апстракција, а никаков вистински предмет.“ 

(К. Маркс – Ф. Енгелс, „Рани радови“, стр. 268-269)

„Човекот се осамостојува само низ историскиот процес.“ 

(K. Marx, “Grundrisse”, S. 395)

„Јадењето, пиењето и раѓањето се додуша вистински човечки функции; но во апстракцијата којашто ги одделува од другиот круг на активност и која ги прави единствени и последни цели, тие се животински.“ 

(„Рани радови“, стр. 201, да се види поразителната Марксова критика на филистерскиот начин на живот во Писмото до Руген, 1843)

„Начинот на производството на материјалниот живот го условува процесот на социјалниот, политичкиот и духовниот живот воопшто. Не ја определува свеста на луѓето нивното битие, туку, обратно, нивното општествено битие ја определува нивната свест.“ 

(К. Маркс, Прилог на критиката на политичката економија, Предговор, „Култура“, Београд, 1956, стр. 8)

„Луѓето се производители на своите претстави, на своите идеи итн., но вистинските, делотворните луѓе, такви какви што се условени од определен развиток на своите производни сили и на нив соодветното општење се‘ до нивните најопфатни формации. Свеста не може никогаш да биде ништо друго освен свесно битие а битието на луѓето е нивниот вистински животен процес.“ 

(К. Маркс – Ф. Енгелс, Германска идеологија, I, „Култура“, Београд, 1964, стр. 22)

„Сите облици на свеста, целокупниот општествен поредок, сите облици на идеологијата не можат да се разберат ни од самите себе, ни од таканаречениот општ развиток на човечкиот дух, туку дека напротив, коренот им е во материјалните животни односи.“ 

(К. Маркс, Капитал, III, „Култура“, Београд, 1948, стр. 710-711)

„Луѓето што го развиваат своето материјално производство и своето материјално општење го менуваат со целата своја стварност и своето мислење и производите на своето мислење.“ 

(К. Маркс – Ф. Енгелс, Германска идеологија, I, оп. цит., стр. 23)

„Мора Маркс и јас да сме делумно и самите виновни што младите марксисти понекогаш на економската страна ‘и придаваат поголема важност отколку што ‘и припаѓа. Ние спрема противниците моравме да ги истакнуваме главните принципи коишто тие ги оспоруваа, и тука секогаш немаше време, место и можност во достатна мера да се земат предвид и другите моменти што имаат удел во заемното дејство. Но, штом требаше да се излага некој историски период, штом, значи, требаше теоријата практично да се применува, работата се менуваше и тука заблуда не е можна. За жал, мошне често се случува луѓето да веруваат дека наполно сфатиле една нова теорија и дека бездруго со неа можат да оперираат штом ги научиле нејзините основни принципи, а тоа не е секогаш точно. Од овој прекор не можам да поштедам мнозина од новите „марксисти“, а поради таквото несфаќање се случуваа понекогаш чудни нешта.“ 

(Маркс – Енгелс, За уметноста и книжевноста, „Култура“, Београд, 1960, стр. 12 – 13)

„Благодарејќи на човечкиот труд, човечката рака го достигна оној висок степен на совршенство со кое можеа да се создадат Рафаеловите слики, Тровалдсеновите статуи и Паганиниевата музика.“ 

(Ф. Енгелс, Улога на трудот во претворање на мајмунот во човек, Маркс – Енгелс, Избрани дела, II, Загреб, 1950, стр. 71)

„Друго со помошта на предметно развиеното богатство на човечкото суштество, делумно се разработуваат а делумно се произведуваат: богатството на субјективната човечка сетилност, музикалното уво, окото за убавината на обликот, накусо сетила што се способни за човечки уживања, сетила што се потврдуваат како човечка суштинска сила. Зашто, не само петте сетила, туку и таканаречените духовни сетила, практичните сетила (волјата, љубовта итн.), со еден збор, човечкото сетило, човечноста на сетилата, настанува дури со помошта на постоењето на неговиот предмет, со помошта на очовечената природа. Создавањето на петте сетила е дело на целокупната досегашна светска историја.“ 

(К. Маркс, Економско-филозофски ракописи од 1844, Маркс-Енгелс, Рани радови, „Напријед“, Загреб, 1967, стр. 281)

„Во сферата на општествената практика и низ самата општествена практика окото станува човечко око, како што неговиот предмет станал општествен, човечки предмет којшто потекнува од човека за човекот.“ 

(К. Маркс, Економско-филозофски ракописи од 1844, Маркс-Енгелс, Рани радови, „Напријед“, Загреб, 1967, стр. 280)

„Санчо вообразува дека Рафаел ги создал своите слики независно од поделбата на трудот, којашто во негово време постоела во Рим. Ако тој го спореди Рафаел со Леонардо да Винчи и Тицијан, може да види колку ремек-делата на првиот се условени од тогашниот расцут на Рим којшто се беше развил под флорентинското влијание, колку ремек-делата на вториот зависеле од условите на Фиренца, и подоцна ремек-делата на третиот од наполно различниот развиток на Венеција. Рафаел, исто така како и секој друг уметник, беше условен од техничкиот напредок на уметноста, кој пред него беше направен, од организацијата на општеството и поделбата на трудот во неговото место и време, и конечно од поделбата на трудот во сите земји со кои неговото место општело. За таквата индивидуа, како што е Рафаел, да го развие својот талент, зависи од поделбата на трудот и од неа произлезените односи на просветеноста на трудот.“ (Маркс-Енгелс, Германска идеологија, II, оп. цит., стр. 112)

„Но, тешкотијата не е во тоа да се разбере дека грчката уметност и епот се врзани со извесни облици на општествениот развиток. Тешкотијата е во тоа да се разбере зошто тие нам уште ни овозможуваат уметничко уживање и зошто во извесен поглед важат како норма и недостижен пример.“ (К. Маркс, Прилог на критиката на политичката економија, оп. цит., стр. 200-202)

No comments:

Post a Comment

Историски материјализам

  „Марксовата историска теорија е, по мое мислење, основен услов на секоја поврзана и доследна револуционерна тактика. Да би се таква тактик...